Но, дали движење на безживотно тело, без цел пред себе е живеење?
Да се движиш значи да сонуваш, кога сонуваш имаш безброј желби кои те водат кон одредени цели. Целите те водат да размислуваш, а кога размислуваш почнуваш да чувствуваш. Кога чувствуваш учиш да љубиш, а кога љубиш значи дека живееш!
А, што е животот?
Да се радуваш, но и да тагуваш истовремено. На моменти да стравуваш. Да се соочуваш со разни предизвици кои ти се наметнуваат. Несигурноста и вербата твои верни сопатници да бидат. А над сето тоа, визијата за подобро утре и љубовта да те поведат по вистинскиот пат.
Постојат моменти во животот кога застануваме на животната раскрсница. Се соочуваме со гласот на тишината и се запрашуваме: Кој сум всушност јас? Која е смислата на мојот живот? Кој е патот по кој треба да зачекорам? И во тие моменти, длабоко понираме во себе, во сопствената душа. Заронуваме во најранливиот дел од нас, на кој му се препуштаме да не поведе низ лавиринтот на животот, предавајќи се со полно срце верба, надеж и љубов.
Можеби патот по кој зачекоруваме не е како во нашите сонови. Преполн е со неизвесности и препреки, кои во одредени моменти допринесуваат нашиот дух да опадне. Но човекот е како галебот на своето небесно патување. Неговиот лет осцилира и во моментот кога помислуваме дека губи снага, пропаѓа, тој повторно го продолжува својот прекрасен танц на животот. Да ги осознаеш сите убавини кои ти ги нуди животот, да ги откриеш сите животни вистини, но во исто време да ги одбегнеш замките кои животот ги поставува – верувај, си го препознал Божјиот глас во тишината, кој те води кон вистинска цел, поради која навистина постоиш!
Најголем дар од Бога е да се опстане во овој реален свет, во ова немирно време, сред голем број промени, но пред се да се биде човек со полно срце љубов и надеж за подобро утре. Да го почувствуваш допирот и топлината на сочевите зраци, мирисот на утрата кои го исполнуваат срцето со радост и љубов е чувство кое не секој од нас го има допрено.
Затоа, да го отвориме своето срце, кое понекогаш отчукува како срцето на плашливиот зајак. Да и дозволиме на љубовта околу нас да не помилува и да допре длабоко во нас. Бидејќи, ни зрното бисер не може да го открие својот сјај, доколку е затворено во школката која е заробена во длабочините. Ние сме творци на нашиот живот и секогаш го заслужуваме токму она што тој ни го нуди.
Понекогаш комплициран, но премногу едноставен, сепак животот е прекрасен! Да го живееме секој ден, како да е последен!..